1 Peter 5
1 Оние, кои се меѓу вас свештеници, ги молам јас, кој сум и сам свештеник, и сведок на Христовите страдања и соучесник во славата, што ќе се открие:
2 пасете го Божјото стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце.
3 И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото.
4 А кога ќе се јави Пастироначалникот, ќе добиете венец на слава што нема да свене.
5 Исто така и вие, помладите, покорувајте им се на свештениците; а сите, пак, покорувајте се еден на друг и здобивајте се со понизност, бидејќи »Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат«.
6 Смирете се под крепката рака Божја, за да ве воздигне, кога ќе дојде времето.
7 Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас.
8 Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта;
9 спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот.
10 А Бог на секоја благодат, Кој ве повика за Својата вечна слава во Исуса Христа, Сам, по вашето кратко страдање, да ве усоврши, укрепи и направи непоколебливи.
11 Нему слава и власт во веки веков. Амин!
12 По Силуана, вашиот верен брат, како што мислам, ви го напишав ова кратко послание, за да ве утешам и уверам дека ова е вистинска Божја благодат, во која стоите.
13 Ве поздравува Црквата во Вавилон, избрана заедно со вас, и Марко, синот мој.
14 Поздравете се еден со друг со целив на љубов. Мир на сите вас, што сте во Христа Исуса. Амин!